Кој и до кога треба да ги отстрани поставените политички билборди и плакати?

Завршија изборите, престанаа рекламите на телевизиските канали, но останаа билбордите и плакатите истакнати и залепени на повеќе локации како во Општина Штип, така и во останатите општини во Истокот. Праксата од претходните избори зборува за фактот дека истите остануваат на јавни површини подолг временски период. Колку време по изборите рекламите на политичките партии може да стојат на јавна површина одговор побаравме од Претседателот на ОИК Штип, Виктор Вацев. Тој истакна дека за билбордите одлучуваат компаниите кои ги дале под закуп.

„Политичките партии ги имаат закупено билбордите за своја реклама, па кога ќе ги отсранат зависи од договорот меѓу компанијата и политичката партија.“ – кажа Вацев.

За плакатите пак кои се поставени на јавна површина, секретарот на Општина Штип, Соња Китанова исткана дека рокот е 30 дена.

„Општина Штип има издадено јавен простор за поставување на плакати само на една политичка партија, бидејчи само тие пројавија интерес. Рокот за остранување на истите е 30 дена по завршување на изборите. Значи во Штип изборите завршија на 17 октомври и политичката партија плакатите треба да ги отстрани до 16 ноември“ – додаде Китанова.

Билбордите и плакатите треба да се отстранат од самите политички партии.

Лаура Стојанова М-Нет