Пневмонија – најтешка компликација на морбили, лекарите велат вирусот да се сфати сериозно

Кај оние со добар имунитет иако сѐ уште постои ризик да ја пренесат болеста, сепак можат лесно да поминат. Кај оние со слаб имунитет, пак, може да дојде и до полоша клиничка слика и посериозни компликации по заразата со морбили. Лекарите советуваат ова да не се сфаќа толку наивно, а во никој случај не го советуваат народското верување намерно да направиш контакт со заболен од морбили.

„Вирусот кај тие што имаат добар имунитет може многу лесно да помине, со изолација, иако постои и ризик да биде контагиозен и да пренесе, додека кај оние што имаат слаб имунитет или повозрасни луѓе, знаеме дека компликациите и те како може да бидат сериозни. Тука мислам почнувајќи од воспаление на увото, пневмонии, меѓутоа и сериозни заболувања, како невролошки енцефалити што можат и те како да бидат понатаму сериозна последица. Народското верување намерно да направиш контакт со заболен од морбили баш и не е препорачано, особено ако не е вакцинирано со календарот“, вели д-р Валентина Митрова, специјалист по општа и семејна медицина.

Лекарите повторно потсетуваат и на задолжителната вакцинација, за која, според д-р Митрова, со години наназад има некоја антивакцинална кампања. Потенцираат дека тоа со каква клиничка слика ќе поминат пациентите многу зависи и од тоа дали имаат примено вакцина. Во однос на возраста, д-р Митрова, вели дека не би се согласила оти децата се поизложени.

„Ако членовите од семејството спаѓаат во оваа група што не се потполно или воопшто вакцинирани или немаат стекнато имунитет, при заболување постои ризик да поминат полошо, да развијат некои од наведените компликации. Ако детето е здраво, претходно нема заболување и е потполно вакцинирано, имаме претпоставка дека многу лесно ќе ги помине симптомите или ако има примено само една доза на вакцина, тогаш ја немаме она 90% заштита од лесна клиничка слика“, додава д-р Митрова.

Според податоците од СЗО, повеќето смртни случаи поврзани со мали сипаници се предизвикани од компликации поврзани со оваа болест. Компликациите се почести кај деца на возраст под 5 години или кај возрасни над 20 години. Луѓето кои прележале мали сипаници се отпорни на заболувањето до крајот на нивниот живот.

Ребека Спасова М-Нет