
Маестро Симон Трпчески денес и утре одржува семинар за учениците од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Семинарот денеска се одржа со почеток од 12:30 часот, а утре ќе продолжи со почеток во 11 часот. Соработката со Трпчески значи извор на нови знаења и вештини за учениците од прва до четврта година од средното музичко училиште, кои го слушаат семинарот.
„По подолги преговори, ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип успеа да го обезбеди истакнатиот македонски пијанист, маестро Симон Трпчески, кој ќе одржи семинар во нашето училиште за нашите ученици од Пијано одделот. Во овие два дена 12 ученици од средното музичко училиште ќе имаат можност да добијат нови знаења, вештини од областа на инструментот. Семинарот е од огромно значење за нашите ученици, за нивната музичка наобразба, па и за јакнење на нивната самодоверба“, истакна Благој Јанев, координатор на Пијано оддел.
ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ се обидува да реализира низа вакви активности кои значат нови искуства и начин за дооформување и развој кај учениците, вели професорот Јанев.
„Секако дека е од огромно значење, позитивно. Ваквите настани кои се одржуваат во нашето училиште и кои ги организира ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ се важни заради самодовербата кај учениците, кои учат во нашето училиште и за продолжувањето на високите музички школи во земјата и светот“, додава Јанев.
Ова не е прва соработка на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип и маестро Симон Трпчески. Пред три години Трпчески настапи и на новогодишниот концерт кој традиционално го реализира Државниот музички училишен центар.
Ребека Спасова М-Нет