Пелистер на тешко гостување во Радовиш, Детонит Плачковица знае како против фаворитите

ФОТО: RadovisNews.MK

Утре се играат натпреварите од 7. коло од Втората македонска фудбалска лига. Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат можност да го следат во живо натпреварот меѓу Детонит Плачковица и Пелистер, кој се игра на Градскиот стадион во Радовиш, а ќе започне во 14:00 часот.

Интересен дуел во кој трите бодови ќе бидат императив и за двете страни. Радовишани играат допадлив фудбал и нижат успешни резултати на чело со штипскиот тренер Горан Здравков. Дефинитивно Пелистер во Радовиш ќе го очекува тешко гостување. Битолскиот второлигаш кој важи за еден од фаворитите за експресен кам-бек во елитата ќе има пеколна атмосфера низ која помина и Вардар во рамки на 3. коло.

Радовишани дефинитивно знаат како против фаворитите сезонава, а тоа најмногу го докажаа во дуелот против Вардар, иако одиграа 1:1, сепак Детонит Плачковица може да жали за ваквиот резултат бидејќи целиот „плен“ можеше да остане во Радовиш.

Во досегашниот тек од сезоната момците на Здравков нанижаа три високи победи и тоа против Беласица, Тетекс и новиот второлигаш Арсими, додека пак против Вардар ремизираа, а загубија во Гевгелија од Кожуф.

Пелистер доколку сака да остане во чекор со фаворитите кои сакаат „виза“ за Прва лига во Радовиш ќе мора да извлече позитивен резултат. Битолчани предводени од Марјан Секуловски имаат негатива од пет бодови во однос на непоразениот лидер Вардар. Кога се во прашање дерби соочувањата со конкурентите за Прва лига, Пелистер загуби од Гостивар со 1:3 на домашен терен, а пак со Воска Спорт одигра 1:1, откако во судиското надополнување охриѓани постигнаа гол за бод вреден злато. Во досегашниот тек од сезоната Пелистер има скор од три победи, две ремија и еден пораз.

Овие две екипи досега немаат свое соочување во рамки на официјален натпревар, што значи дека утрешниот дуел во Радовиш ќе биде прв меѓусебен натпревар на овие две екипи.

Правдата ќе ја дели Игор Стојчевски од Скопје, ќе му помагаат Зоран Саздовски од Штип и Александар Недевски од Скопје, додека пак за четврт судија е делегиран Дејан Младеновски од Скопје.