
Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од осмото коло на Првата женска фудбалска лига, а оваа коло го носи соочувањето на Кочани и големиот фаворит Каменица Саса. „Рударките“ од Македонска Каменица имаат идеална шанса да се вратат на победнички патеки по ремито со Пелистер во претходното коло и со тоа да продолжат го напаѓаат врвот од табелата.
Од друга страна, Кочани, ќе има тежок предизвик, шансите за изненадување се многу мали, а се освен пораз за „фенерџијата“ ќе биде позитивен исход. Тимот на Кочани по седум кола е на дното од табелата како единствен тим кој нема триумф.
Шампионот Скопје на домашен терен ќе се соочи со Пелистер, битолскиот тим е хит во шампионатот и во Пржино ќе бара нов позитивен резултат со можност и да избие на врвот од табелата.
Доколку трите бодови останат во Пржино, тогаш екипата на Скопје ќе остане на челното место и по осмото коло.
Второпласираниот Љуботен како фаворит ќе го пречека тимот на Ас Јунајтед од Струга, додека пак Речица ќе биде домаќин на Вардар во дуел на две екипи кои ќе бараат втора сезонска радост. За Речица домашниот терен ќе биде предност, а пак Вардар според квалитетот на фудбалерките ќе има предност за трите бода.
Тиверија Брера на домашен терен ќе бара враќање на победничките патеки против Истатов, кој пак ќе се обиде во Струмица да стави крај на негативната серија резултати и да дојде до третиот сезонски триумф.
Александар Ванев, М-Нет