
Пешачко-велосипедски патеки кај Беровско Езеро, доуредување на „Езерце“ во Пехчево, поплочување на улиците во штипско Ново Село се дел од проектите за кои минатата недела се потпишани договорите, а кои ќе се реализираат во текот на 2024 година. Проектите произлегле како приоритетни решенија од регионалните форуми во 2022 и 2023 година.
„Тоа што ќе се работи во 2024 година ќе биде: инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти низ пет општини во регионот, ќе се работи во делот на туризмот, доуредување на барски еко-систем „Езерце“, пешачко-велосипедски патеки низ Беровско Езеро, рекреативен центар во село Пишица и завршување на проектот во однос на поплочување на улиците во Ново Село, а проект којшто го имаме на резервната листа е осветлување на паркови површини и уште еден спортско-рекреативен центар“, вели Зуица Ангелова, директорка на Центарот за развој на Источниот плански регион.
Центарот за развој на Источниот плански регион го започна и новиот циклус со денешниот Регионален форум на кој се идентификуваа приоритетни области каде има регионални во проблеми за кои се предлагаат проекти. Предлог-проектите треба да влезат во програмат 2024 или 2025 година.
„На денешниот настан приоритет ќе дадеме на идентификација на регионалните проблеми на коишто ќе им се понуди решение за реализација преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2024 година со индикативно планирани средства за 2025 година. Некој вкупен орентационен буџет за Програмата за Источниот плански регион е 50 милиони денари и минималниот праг на предлог-проект е 6 милиони денари“, додава Ангелова.
На денешниот Форум присуствуваа 80 претставници од администрацијата при локалните самоуправи, бизнис секторот, невладиниот сектор и претставници од образовни, социјални и здравствени институции.
Ребека Спасова М-Нет