
Низа жестоки реакции меѓу јавноста и културните институции предизвикаа минатогодишните резултати од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес. Културните работници се жалеа дека нема критериум за тоа што е проект од национален интерес и дека парите одвоени за оваа намена се недоволни. Додека се очекуваат овогодишни апликации министерката Костадиновска-Стојчевска потворно потенцираше дека одлуките се врз основа на квалитетот на самата апликација и затоа апелираше да се внимава како таа се испраќа.
„Во однос на апликациите за 2024 година решаваат стручни комисии како и секоја друга година наназад во функционирањето на Министерството за култура, со таа разлика што од 2017 година наваму се објавуваат јавно и сумите коишто се добиени, а имате можност со користење на разни механизми да ги видите и самите апликации. Јас секоја година апелирам да се прават квалитетни пријави коишто соодвестуваат на манифестацијата којашто сакаме да ја организираме, без разлика дали како национална установа, како општина, правно или физичко лице, што значи дека стручните комисии ќе си одлучат согласно со квалитетот на самата апликација“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Токму затоа, вели Костадиновска-Стојчевска не може да каже каков третман ќе добие и штипски „Макфест“. Таа посочува дека минатогодишните недоразбирања со штипскиот градоначалник не може да ги разбере, потенцирајќи дека е согласна оти за култура никогаш нема доволно пари.
„Јас никогаш нема да разберам зошто градоначалникот на Општина Штип не ја прифати помошта односно не го потпиша договорот којшто му беше пратен за финансирање на Фестивалот „Макфест“. Се разбира дека ниту едно финансирање што го правиме преку Конкурсот не е доволно, јас секогаш велам дека за култура никогаш не е доволен Буџетот на Министерството за култура, меѓутоа тука е и Општината којашто треба да помогне и јас никогаш нема да разберам дали тоа беше собирање политички поени или имаше друг мотив кој требаше да прикаже дека ние не се грижиме за „Макфест““, додава Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска смета дека секоја помош доделена преку тој Конкурс треба да е добредојдена за апликантите. Посочи оти Комисијата ќе постапи најсоодветно со буџетот којшто го имаат на располагање.
Ребека Спасова М-Нет