
Деновиве ќе се исплатат субвенциите за сточарите, производители на млеко, рече од Штип министерот Николовски. Тој посочи дека до крајот на годината ќе бидат исплатени долговите кон сточарите за оние три-четири години, колку што се доцнело, а ќе останат само субвенциите за тековната 2023 година.
„На производителите на млеко мислам дека веќе овие денови им се исплаќа една цела фаза, со што ќе ја заокружиме 2022 година. Четири години се доцнеше во поглед на исплатата во однос на млекото, а денеска со интензивното враќање на сите долгови кон сточарите за предаденото млеко, останува уште една година којашто треба да биде исплатена кон сточарите“, рече Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Николовски рече дека ќе се обезбедат и дополителни финансии, прво за да се исплатат преостанатите субвенции за предадено млеко, а второ за да се исплатат субвенции според новата методологија за сточарите да ги имаат средствата и да инвестираат во следната сезона.
„Дополнително, очекуваме дополнителни средства по моите денешни разговори со Министерот за финансии. До крајот на годината од страна на Министерството тие средства ќе ги насочиме кон две категории, доисплата на сточарите за предадено млеко и реализација на новиот модел на субвенционирање, со што до крајот на годината за првпат 30% од субвенциите ќе бидат исплатени во оваа календарска година за тековната година, односно за сите оние кои пријавија субвенции во рокот којшто беше мај и јуни. Тоа ќе се случи за првпат за да ги имаат средствата и да може да инвестираат во следната сезона“, додава Николовски.
Со новиот модел, вели Николовски, е расчистена дилемата во однос на бројките и точно ќе се знае колку е зголемена поддршката во поглед на сточарите.
Ребека Спасова М-Нет