Откупот на јагниња во штипско и радовишко незадоволителен, цената ниска, сточарите едвај преживуваат

На две недели пред Велигден, откупот на јагнињата во штипскиот и радовишкиот регион е незадоволителен за сточарите. Јагниња се бараат ама цената за откуп е ниска, па се движи од 210 до 230 денари за килограм жива мера. Бајрам Омер од штипска Лакавица вели очекувале добра понуда за откуп на јагниња, но според него оваа година е најлоша, па не можат да си ги покријат ниту трошоците.

„И 250 денари да е откупот е неисплатливо, еве денеска продавав јагниња, во просек по 20 килограми се јанињата по 220 денари за килограм ми дадеа. Ама со оваа цена не знам што ќе правеме, ние чекавме да биде над 300 денари по килограм, а сега е по 220.“ – вели Омер.

Дополнителен проблем за сточарите е и обврската 50% од јагнињата да бидат продадени на кланица. Во спротивно остануваат без субвенции.

Далеку од сјајна е и ситуацијата во радовишко Коџалија. Таму јагнињата се поголеми, како што велат сточарите, па при откупот добиле едвај по 210 денари за килограм жива мера.

Сточарите велат дека по месарите за Велигден јагнешко ќе има, ама загрижувачки е фактот што се помалку ќе се одгледува, па неизвесно е каква ќе биде ситуацијата во наредните години.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет