Отворена изложбата „Бои и чувства“ на Борислав Трајковски во штипскиот Безистен

Отворена изложбата „Бои и чувства“ на Борислав Траиковски во Уметничката галерија Безистен во Штип. Уметничките дела на Траиковски се изложуваат постхумно, а преку истите тој го претставил неговиот роден крај Битола.

„Тој е еден уметник којшто навистина заслужува едно вакво внимание и една ваква изложба, којашто патува низ Македонија, низ повеќе други градови подолго време. Само да споменам дека уметникот е починат Меѓутоа, неговите дела остануваат да го покажуваат неговото творештво низ неговиот ретроспективен живот. Тој е уметник од Битола којшто долго време живеел и работел во Битола, иако имал можности да работи и во други места. Меѓутоа, тој се одлучил инспириран од убавините на Пелистер и Битола како конзулски град. Неговите дела навистина се репрезентативни и го претставуваат тој дел од Македонија“, истакна директорот на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов.

Изложбата уште петнаесетина дена ќе биде достапна за заинтересираните посетители, а како што додаде директорот Штерјов, ова е една од завршните активности на НУ Завод и Музеј Штип за 2021 година и во таа прилика тој искажа задоволство за реализираното.

„Изложбата ќе трае до 28 декември, кога ќе имаме уште една изложба. Со ова ја завршуваме програмата од Министерството за култура којашто целосно ја реализиравме оваа година“, додаде Штерјов.

Изложбата веќе подолго време патува и низ повеќе други градови, а во ликовниот опус на Траиковски се над 4000 дела. Во негова чест, од 2006 година, Друштвото на ликовни уметници од Битола доделува годишна награда што го носи неговото име. Наградата „Борислав Траиковски“ се доделува за најдобро уметничко дело претставено на годишната изложба на Друштвото на уметници.

Ребека Спасова МНет