
Целосно затворен за сообраќај мостот во Долни Балван, чии столбови пред два дена ги поткопа Брегалница. Заклучокот од моментниот увид покажал дека истиот не е безбеден за возачите и минувачите, а дополнителен увид ќе се врши по стабилизација на речното ниво, по што градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов, најави и санација.
„Денес по препорака на стручните мислења на проектантскиот тим којшто го проектираше мостот во минатото кога се градеше и мислење од Инспекторатот за уредување на речното корито и неколку други стручни мислења, го затворивме мостот. Оваа забрана за движење ќе биде за сите возила сѐ до утврдување на конкретната состојба. Увид ќе направиме по стабилизација на речното тло и тогаш ќе донесеме одлука дали ќе се ослободи привремено за движење или ќе има сѐ уште забрана. Она што ќе работиме во следниот период е една брза и итна санација на овој мост. Се надевам дека по стабилизирање на тлото на реката веднаш ќе преминеме на увид и на проектирање за негова санација“, истакна Паунов.
Причините за настанатата ситуација сѐ уште не се утврдени, но Паунов прстот го впери во неуредната изградба и нередовното уредување на речното корито, за што упати и порака дека одговорност ќе има.
„Сѐ уште ги немаме официјалните информации. Можеби, надојденото ниво на реката, можеби, неуредното и неконтролираното уредување на речното тло. Понатаму ќе видиме кога ќе добиеме конкретните извештаи за тоа што точно е причинителот на ова. Можеби, тоа е и неуредната изградба на мостот во минатото. Сите овие работи се причината на сево ова што се случува денес. Она што можам да го кажам и јавноста треба да го знае е дека одговорност мора да има. Надлежните институции коишто се задолжени за уредување на коритото и изградбата или одржување на ова треба да си сносат одговорност, така што граѓаните треба да бидат спокојни во тој дел, нема да го оставиме овој случај вака“, додаде Паунов.
Граѓаните, пак, велат дека мостот е од особено значење за нивното функционирање, бидејќи ги поврзува селата од двете страни на реката, особено Таринци и Долни Балван. Но анкетираните велат дека грешката е во изведувањето.
„Како не, фреквенција има многу. Одат и пешаци и возила“, вели тамошна жителка.
„Непрофесионално е. Гледаме по светот како прават мост, како е. На делот каде што тече водата треба да се помине полумесечина кон едната и кон другата страна одоздола со растојание од 10 – 20 метра за да има проток. Тие само ставија столб до стојб. Ќе дојде една греда, еве, ако тополата дојде таму, пак ќе го сопре, не може водата да ја извади нагоре и копа долу“, додава тамошен жител.
Инаку, мостот во Долни Балван почна да се гради во декември 2013 година, а изградбата беше завршена во октомври 2014 година. Тогашен градоначалник на Општина Карбинци беше Зоран Минов од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.
Ребека Спасова МНет