
Утре ќе биде одиграно 15. коло на Втората лига со што ќе заврши есенската полусезона, второлигаши ќе заминат на заслужен одмор, а пролетната полусезона ќе започне со натпреварите од 16. коло на 15. февруари 2025 година.
Како што веќе информиравме М Нет телевизија ќе ви овозможи два директни преноси од Струмица и Прилеп.
На М Нет телевизија ќе го проследите натпреварот меѓу Беласица и Македонија ЃП, кој се игра на „Благој Истатов“, а каде фаворити ќе бидат „лавовите“, преносот ќе започне во 13 часот.
На спортскиот канал М Нет Спорт ќе може да го проследите соочување на Победа и Детонит Плачковица, во меч каде радовишани се фаворитите против младиот тим на Победа, но пак прилепчани минатата сезона во два наврати го изненадија Детонит. Преносот од овој меч на М Нет Спорт ќе започне во 13 часот.
Осогово ќе има важно гостување против „фенерџијата“ Вардарски во Богданци, директно соочување од дното на табелата каде и двете екипи во себе веруваат дека може да дојдат до триумф. За Осогово тоа би бил трет триумф со што ќе има знаен исчекор на патот кон опстанокот, а пак за Вардарски тоа би бил прв триумф и во таков случај ќе има некои шанси за бараж во прв план, но можеби и за директен опстанок, но со доста тешка пролетна полусезона.
Арсими како фаворит ќе го пречека Вардар Неготино на домашен терен каде домаќинот ќе ја има улогата на фаворит против тимот од Неготино кој во Гостивар доаѓа по бодови.
Дерби од горниот дел на табелата меѓу Башкими и Брегалница соочување на третопласираниот и второпласираниот тим. Башкими сака триумф и да биде во сериозна трка за местата кои водат кон Прва лига, а Брегалница со триумф ќе ја зголеми бодовната разлика од бараж зоната и сигурно ќе чекори кон експресно враќање во Прва лига.
Каменица Саса во силно победничка форма ќе го пречека тимот на Скопје, Охрид како фаворит на домашен терен ќе игра против Борец, додека Новаци ќе игра со Кожуф на домашен терен.
Сите натпревари стартуваат во 13 часот.
Александар Ванев, М-Нет