Осмото коло на Втора лига со два меча под рефлектори: Дерби средби и натпревари за излез од резултатската криза

Осмото коло на Втората македонска фудбалска лига ќе се игра во два дена, односно сабота и недела.

Рундата се отвара со пет средби во сабота, а во недела се предвидени два натпревари.

Натпревари каде дел од екипите ќе бараат излез од резултатската криза, во игра се клучни бодови, со можност за промени на табелата.

Работнички ќе има лесна задача на домашен терен против Шкупи, дуел на два лански прволигаши, а каде „романтичарите“ се повеќе од апсолутни фаворити за трите бодови. Шкупи е на дното како единствен тим без бодови и ќе биде навистина фудбалско чудо да стигне до бодови.

Еуромилк на домашен терен ќе бара излез од резултатската криза против очајниот Новаци, двете екипи не играат според посакуваното и овој меч ќе биде исклучително важен и за едните и за другите. Трите бодови од овој дуел ќе значат многу, бидејќи со победа „лисиците“ може да излезат од опасната зона, а пак Новаци со победа може да се искачи за неколку позиции на табелата.

Во Јегуновце се игра дуелот меѓу Тетекс и Детонит Плачковица, каде радовишани имаат силен притисок конечно да забележат победа и да може да излезат од резултатската криза, со што би можел тимот од Радовиш да направи пробивање кон горниот дел од табелата, додека пак „штофарите“ со три бодови ќе врзат втора победа во низа за вкупно трета радост сезонава, но и да скокат до дури петтото место во зависност од резултатите на останатите натпревари.

Охрид ќе има незгодно гостување кај ланскиот прволигаш Македонија ЃП, „лавовите“ сакаат продолжување на победничката низа, а пак „рибарите“ да се вратат на победите по ремито со Брера во претходното коло.

Овие четири средби се играат од 14:30 часот. Ви 18 часот под рефлектори во Битола ќе се одигра мечот меѓу Пелистер и Осогово, каде домашниот тим е апсолутен фаворит за трите бодови, а пак гостинот од Кочани со новиот тренер Спирко Златков ќе го има своето деби.

Во недела во 14:30 часот Камјани на домашен терен ќе се соочи со Кожуф, во меч каде Љабинот Муслиу ќе дебитира на клупата на домашниот тим кој е дебитант во Втората лига, а пак тимот од Гевгелија кој пред едно коло доби нов тренер ќе се обиде да се врати на победите.

Колото се затвара со градското дерби во Струмица меѓу Брера и Беласица од 18 часот. Дерби каде Раде Цицмиловиќ ќе дебитира на клупата на Беласица, а притоа ќе треба и да го врати тимот на победите по петте последователни ремија.

Овој меч е со голем влог, трите бодови сериозно ќе влијаат врз распоредувањето на првите пет позиции, Брера со три бода може да биде и лидер на табелата, а пак Беласица да се доближи до врвот.

Александар Ванев, М-Нет