
Шестото коло на Првата ракометна лига го носи дербито меѓу Радовиш и штипски Текстилец, соочување од капитална важност и за двете екипи.
Текстилец по перфектниот учинок од четири победи во низа во минатото коло загуби од Вардар Неготино и со осум бодови го дели првото место, додека пак Радовиш со една победа, три ремија и еден пораз е на осмото место со пет бодови и од тука притисок да се освојат двата бода, бидејќи во секој друг случај конкурентите ќе побегнат на врвот од табелата.
Средбата е закажана за сабота од 18 часот во спортската сала „25-ти Мај“ во Радовиш.
Шестото коло го носи и скопското дерби меѓу Аеродром и Драчево Јуниор, дуел на две екипи кои со по осум бодови го делат првото место. Аеродром е со форма до четири победи и еден пораз, а пак Драчево Јуниор има три победи и две ремија.
Ова средба се игра во салата „Антон Димитров“ со почеток од 17 часот.
Вардар Неготино на домашен терен ќе игра со Партизан, во дуел каде домаќинот е фаворит за нов триумф, а пак во Свети Николе се очекува неизвесен меч на Овче Поле и Преспа.
Илинден на домашен терен ќе игра против „фенерџијата“ Сокол Саса, тимот од Македонска Каменица ќе атакува на првите сезонски бодови.
Колото се затвара во недела со два натпревари. Македонија ЃП како фаворит ќе игра против Шампион, а пак Јехона ќе има предизвик пред домашната публика да дојде до второто сезонско славје против ланскиот суперлигаш Пролет.
Александар Ванев, М-Нет