
Од утре започнува проектот за бесплатен градски линиски превоз во Општина Пробиштип. По барање на жителите од населените места секоја среда кога впрочем е и пазарен ден во Пробиштип градски превоз ќе има на неколку локации. Ова се воведува за првпат, а градоначалникот Драган Анастасов посочи дека доколку има потреба линиите ќе бидат зголемени во наредниот период. Во поголемите населени места линии ќе има и во понеделник.
„Почнувајќи од утре Општина Пробиштип започнува со реализација на проект за бесплатен линиски превоз за руралните средини како што се Добреово, Злетово, Ратавици, Стрмош Пишица и дтуги места. Ова е за првпат. “ – вели Анастасов.
Проектот за воведување бесплатен градски превоз за граѓаните во Пробиштип, општината ја чини над 560 илјади денари пари обезбедени од Буџетот. Проектот е реализиран преку приватни компании за градски превоз.
„Ваквиот проект дојде најпрво од Здружението на пензионери како таргет група се повозрасните наши граѓани. Станува збор за бесплатен превоз. Овој проект до крајот на годината Општина Пробиштип ќе ја чини 563 илјади денари.“- додава Анастасов.
Овој проект општината го реализира врз основа на барање на месните заедници, со цел на поголема пристапност за граѓаните од овие населени места, да им се овозможи еднаков пристап до градот за извршување на своите потреби. Од Општината посочуваат дека продолжуваат да работат во интерес и за подобрување на условите за сите граѓани.
Лаура Стојанова М-Нет