
Со натпреварите од деветтото коло заврши есенската полусезона во Втората футсал лига, а последното коло донесе интересни средби со многу погодоци, но и убедливи победи.
Синоќа во Кочани беше комплетирано последното есенско коло со победата на Фудбал Старс од 4:1 над екс прволигашот Овче Поле од Свети Николе. Дебитантот беше одличен во текот на целиот меч и стигна до победата која му носи нови три бодови на контото.
Драган Трајчов беше двоен стрелец за тимот од Кочани, а по еден гол постигнаа Христијан Крсотв и Ѓорги Зашев, додека пак за гостинскиот тим погоди само Роберто Андонов.
Претходно, СЕЕ Университи го доби дуелот со Партизан Југ во Брвеница, меч на кој беа постигнати 19 гола, за победа на тетовскиот тим од 9:11, а од овие единаесет погодоци дури седум беа дело на најдобриот стрелец Хисен Мемеди.
Црна Река се намачи но го доби „фенерџијата“ Карадаку во Липково со 4:6, Каршиака со 4:1 беше пресилна за Конзули од Битола, додека пак Кратово со убедливи 7:3 го доби ССК Скопје во меч каде Ѓорѓи Ивановски постигна дури шест гола за тимот на Кратово во меч кој се одигра во Пробиштип.
Есенски шампион е тимот на Железарец, ланскиот прволигаш и поранешен шампион на Македонија има 19 бодови на своето конто, на второто место е Каршиака со бод помалку, а на третото место заврши Црна Река, ланскиот прволигаш од Кавадарци има 17 бодови.
На делба на четвртото место се Фудбал Старс од Кочани и СЕЕ Университи со по 15 бодови, ССК Скопје собра 12 бодови и се позиционираше на шестото место, а по десет бодови имаат Кратово и Партизан Југ за делба на седмото место.
Овче Поле не одигра според очекуваното, па тимот од Свети Николе ќе презими на деветтото место со осум бодови, Конзули од Битола е десетти со седум бодови, а на дното останува Карадаку како единствен тим без бодови.
Александар Ванев, М-Нет