Објект во Кочани проблем за граѓаните, решение за отстранување има, се чека спроведување од страна на општината

Деловен објект во „Усова Чешма“ во Кочани проблем за жителите кои живеат во овој дел од градот. Како што велат пред камерите на М-Нет телевизија станува збор за објект кој би требало да биде во индустриската зона, а не во населба и на место кое е предвидено за домување. Соседите реагирале многупати до надлежните институции, до Општина Кочани, но освен на лист хартија, решение на виделина нема. Собрале и петиција на отстранување на објкетот, но сепак наместо само настрешница како што е предвидено, истиот објект дополнително е проширен.

„Ние граѓаните собравме петиција, оти ни смета се ова. Индустриски објкет, дивоградба, нарушување на јавен ред и мир.“ – вели Крстев.

„Ние не бараме да престане да работе, само бараме се ова што го прави тука да биде во индустриската зона. Нашиот мир е нарушен, доаѓаат скании, комбиња, камиони. Бараме и ги замолуваме надлежните да излезат во пресрет на нашите барања“ – вели Крстева.

Проблемот нерешен стои повеќе од две години. Граѓаните кај себе ги имаат решенијата од општината дека објектот треба да се отстрани, но пред себе секојдневно се соочуваат со нарушен мир, возила кои поминуваат и ветувања од страна на општината кои не се реалиизраат.

„Проблемот е од пред две години, се обративме до надлежните во Општина Кочани. Добивме добиено одговор дека градбата треба да се отстрани, ама до денеска нема ништо. За жал во нашата општина ништо не функционира како што треба.“ – вели Крстева.

За случајот одговор побаравме и во Општина Кочани. Градежниот инспектор, Николчо Гоцев кој впрочем и бил на терен, вели дека е донесено решение објектот да биде отстранет. Тоа значи дека Општина Кочани преку фирма со кој има склучено договор треба да го отстрани објектот. Овде „лежи“ и главниот проблем. Општина Кочани од 2015 година нема склучено договор со ниту една фирма за отрстанување на објекти, а има донесено 400 решенија кои чекаат да бидат реализирани. Овие дела не застаруваат, па кога би се склучил договор, би се реализирале.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кратко преку смс порака кажа дека во наредниот период ќе се склучи договор со фирма и ќе се спроведе решението.

Лаура Стојанова М-Нет