
Завршена изградбата на цевководите во општина Карбинци, што во функција ја става и изградената филтер станица. Градежните работи кои таму се спороведуваат речиси шест месеца, конечно, се на самиот крај што за тамошните жители би значело подобро и редовно водоснабдување.
„Цевководите се веќе завршени. Она на што се работи во моментов се оние пумпни станици во неколкуте населени места каде што ќе функционира дистрибуцијата на вода по пат на испумпување и за да биде целокупен проектот веќе се започнува со изградба на пристапниот пат до филтер станицата и со тоа веќе ќе биде завршени целиот проект“, истакна градоначалникот на Општината, Виктор Паунов.
Карбинчани вода од ХС Злетовица би требало да пијат најдоцна од почетокот на месец август, со што Карбинци ќе стане една од петте општини поврзани со Хидросистемот. Според градоначалникот Паунов, ова ќе го реши проблемот за повеќе населени места кои досега често имале пречка да ја користат водата, а истовремено и сметките за елекрична енергија би биле пониски.
„Се очекува некаде до крајот на месец јули или почетокот на август да бидеме комплетно завршени со градежни активности, а се надевам дека и во тој период ќе може да го склучиме договорот со ХС Злетовица. Веќе се направени и дел од испитувањата за исправноста на водата и оние анализи коишто законски треба да ги спроведеме, така што очекуваме некаде до крајот на јули или почетокот на август да завршиме комплетно со целиот проект“, додава Паунов.
Со ова филтер станицата конечно ќе профункционира по една година од изградбата, бидејќи следеа проблеми со документацискиот дел. Цевководите се во должина од 18 километри, а заедно со пристапниот пат до филтер станицата се во вредност од 42.000.000 денари, средства обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Ребека Спасова М-Нет