
Прволигашот Вардар на денешната прес-конференција го промовираше новиот шеф на стручниот штаб Горазд Михајлов.
В.д. претседателот на клубот, Миларад Миленковски го претстави новиот тренер, а Михајлов изрази големо задоволство поради тоа што ќе работи во најтрофејниот македонски фудбалски клуб и најави подобри времиња за Вардар.
„Ми се исполни желбата еден ден да бидам и тренер на најтрофејниот колектив во Македонија и навистина сум презадоволен од овој предизвик и ангажман, во кој сите заедно ќе мора да се избориме за подобри резултати до крајот на сезоната Вардар е најголемиот бренд во Македонија, секој освоен бод и секој позитивен резултат ќе биде многу значаен. На сите петнаесет натпревари ќе атакуваме на бодовите и ќе дадеме сѐ од себе за да опстанеме во елитниот македонски фудбал“, изјави Михајлов.
Миленковски на прес-конференцијата изрази благодарност до градоначалничката Данела Арсовска за финансиската поддршка која Вардар ја доби од Град Скопје.
Од клубот си заминаа Владимир Жоглев, Христијан Вецески и Педрињо.
Главната цел на Вардар ќе биде опстанок во ПМФЛ.
Александар Ванев, М-Нет