Нови тротоари на влезот во Три Чешми, реконструкција на три улици, детско игралиште, се работи со забрзана динамика

Уредување на тротоарски површини, асфалтирање на три улици, ново игралиште со вештачка трева, детско катче – се активностите кои во наредните неколку дена ќе се работат во штипската приградска населба Три Чешми. На влезот во населбата ќе се уреди тротоарска површина со павер елементи, со цел поголема безбедност за пешаците. Дополнително ќе се работи на уредување и реконструкција на патната инфраструктура, како и на подобрување на условите за децата. За овие активности од страна на општината се издвоени повеќе од шест милиони денари.

„За првпат ќе се поставува тротоарски површини, затоа што жителите неколкупати го бараа тоа. Во минатото на овој потег имало сообраќајни несреќи заради небезбедноста. Затоа се одлучивме да се уредува овој торотар. Но, деновиве како што најавив ќе се асфлатираат три улици, а ќе се работи и на ново игралиште за мал фудбал со вештачка трева и детско катче“ – вели Јорданов.

Во меѓувреме се работи и на потегот каде ќе биде лоцирана новата населба, близу Три Чешми. Десете градежни плацеви се продадени, а во наредниот период ќе биде распишен повик за продажба на нови десет.

„Веќе се оттуѓени десет парцели, очекуваме во наредните денови да се објави нов повик. Таму веќе се изведуваат градежни активности за прв степен на уреденост за основната инфраструктура која е неопходна. Етапно ќе бидат распишувани повиците за оттуѓување на градежни парцели и се надевам дека интересот ќе биде задоволителен“ – додава Јорданов.

Јорданов истакна дека освен активностите во Три Чешми се работи на повеќе локации, во повеќе населени места во Штип. Временските услови го дозволуваат тоа и се работи со забрзана динамика со цел подобри услови за живот за штипјани.

Лаура Стојанова Ќирчив, М-Нет