
Изминатиот викенд се одиграа натпреварите од 4. коло од плеј-аутот од Првата ракометна лига на Македонија.
Во рамки на оваа рунда дербито на колото се играше во Штип каде Текстилец со убедливи 38:29 лесно го совлада струмички Астраион, во доминантен натпревар на штипските ракометари.
Првиот дел беше доста неизвесен и се играше гол за гол со често менување на водството, а на полувреме струмичани имаа два гола предност односно 16:18. Во вториот дел штипските ракометари влегува многу помотивирани и сигурни на теренот во салата „Тошо Арсов“, откако направија серија од 3:0 за 25:22, а потоа имаше нова серија од шест гола при 33:24, до крајот само рутиски одигра Текстилец за конечни 38:29.
Филип Џинес беше најдобар кај штипјани со девет гола, а втор најдобар беше Марјан Савев со седум гола, кај струмичани со девет гола се истакна Васе Наков.
Кичево на домашен терен го загуби дуелот со Преспа Вардар со минимални 24:25, а пак Овче Поле без милост го декласираше составот на Борец со 43:15.
Во оваа коло слободна беше екипата на Партизан.
Во однос на табелата Овче Поле е лидер со 12 бодови, втор е Текстилец со 11 бода, Астраион е трет со девет, Преспа Вардар е четврта со седум бодови. На 5. место е Партизан со пет бодови, Кичево е шести со четири бодови, а на дното е Борец без бодови.
Александар Ванев, М-Нет