Николов: Проектите ни се реални, работењето одговорно и домаќинско!

Денешната прес конференција на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Сашко Николов беше наменета за посочување на проектите кои се презентирани од нивна страна, на кои се работи и кои се во фаза на завршување. Тој истакна дека во изминатите четири години се работело домаќински, додавајќи дека одговорно стои за сите проекти.

„Започна градењето на пешачките конзоли на река Отиња, во завршна фаза е реконструкцијата на ул. „Панче Караѓозов“ и на ул.„Личка“. Три улици се завршуваат во населба Суитлак, три улици со краци во населба Караорман, течат активностите за изградба на канализациона мрежа во населба Горна Железничка, завршена е јавната набавка, потпишани се договорите и во секој момент започнува работењето на крстосницата во Сењак. Населба Македонка се приклучува на градскиот водовод, го решивме проблемот со водоснабдување со хидро системот „Злетовица“, а децинискиот сон изградба на брана на река Отиња станува реалност“ – истакна Николов.

Николов кажа дека нивните проекти се издржани и реални, и дека вреди да се погледне програма бидејќи Штип го заслужува најдоброто.

Овој пат Николов ја побара довербата на граѓаните за цел мандат, и препорача на 17 октомври со почитување на мерките и протоколите да излезат и да го остварат своето демократско право на глас.

Лаура Стојанова М-Нет