Непоразениот лидер Тиверија Брера домаќин на Скопје, Каменица Саса гостува кај Ас Јунајтед!

ФОТО: ЖФК Тиверија Брера

Утре ќе бидат одиграни натпреварите од вонредното 14. коло во Првата женска фудбалска лига. Четири натпревари ќе бидат одиграни, а во рамки на оваа рунда слободна ќе биде екипата на Атлетико од Битола.

Шампионот Љуботен на домашен терен ќе се соочи против Речица, во меч каде шампионот е голем фаворит за десетто сезонско славје, а со оглед на тоа што Љуботен загуби од Каменица Саса во претходното коло во дербито во Македонска Каменица, мечот против Речица е идеална шанса за враќање на победничките патеки.

Правдата на мечот кој ќе стартува во 12 часот ќе ја дели Боби Величков од Велес.

Без разлика на формата и тоа што Ас Јунајтед сезонава е далеку од играта и доминацијата од ланската сезона натпреварот против Каменица Саса ќе биде дерби. Стружанки имаат само две победи со девет порази и се во долниот дел од табелата со шест бодови па сигурно е дека ќе атакуваат на позитивен резултат, во однос на Каменица Саса која е максимално мотивирана за нов триумф, откако во претходното коло го доби лутиот ривал Љуботен.

За „рударките“ победата против Ас Јунајтед ќе биде важна бидејќи сил3но атакуваат на шампионската титула и на обезбедувањето на „визата“ за излез во Европа.

Правдата на овој меч ќе ја дели Фатмир Бафто од Охрид, а натпреварот ќе започне во 13 часот.

Еден час подоцна односно во 14 часот во Струмица ќе започне натпреварот меѓу непоразениот лидер Тиверија Брера и четвртопласираниот Скопје. Овој меч ќе биде и дерби на колото и најнеизвесниот натпревар кое го носи 14-тото коло.

Тиверија Брера ќе биде фаворит на овој меч од повеќе сегменти, како од моменталната форма, играчкиот кадар, но и домашниот терен и поддршката од домашната публика, во однос на Скопје кој растеретен од било каков притисок ќе сака да го изненади лидерот и прв да го порази, но со тоа и да фати сериозен приклучок за врвот.

Правдата на овој меч ќе ја дели Ирена Велевачкоска од Прилеп.

Од 14:30 часот во Скопје ќе се одигра мечот меѓу Истатов и Топ Гол, ова ќе биде дерби од средишниот дел од табелата на двете екипи кои практично сезоната ќе им биде фокусирана да го својат петтото место.

Истатов е токму на петтото место со 13 бодови, додека пак Топ Гол е на шесттото место со осум бодови.

Вјолца Изеири од Гостивар ќе биде задолжена да ја дели правдата на овој меч.

Александар Ванев, М-Нет