Нема опасност од пожарите во општина Лозово, во гаснењето беа вклучени пет воздухоплови

Нема повеќе опасност од пожарите на територија на општина Лозово кои вчера беснеја на тешко пристапен терен. Пожарот зафати борова шума кај месноста Кишински рид, а гореше и во селото Дурфулија. Беа активирани сите засегнати институции, а пожарот го гаснеа и трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување и двата хеликоптера на МВР. На лице место беше и директорот на Центарот за управување со кризи заедно со градоначалникот на Општина Лозово, кои ги координираа екипите за локализација на пожарот.

„Некаде околу 12:30 часот повторно беа подметнати два пожари на две локации на територија на општина Лозово. Опожарена беше боровата шума во атарот на селата Кишино и Дурфулија, поточно на местото Кишински рид, како и во близина на подрачјето на Пречистителната станица за отпадни води на м.в. Палаш. По неколку часа, пожарот беше успешно локализиран. Во гаснењето беа ангажирани три „ертрактори“, два полициски хеликоптера, единици на ТППЕ Свети Николе и ТППЕ Велес, единици на Македонски шуми, вработени во јавното претпријатие, вработени во Локалната самоуправа, локални ловци и граѓани доброволци“, истакна Цветковски.

Хеликоптерите од Одделот за воздухопловни единици го локализираа пожарот кој беше затекнат во рана фаза. Двата хеликоптера заедно направија дваесетина прелети во кои беа исфрлени повеќе од 25 тони вода. Акцијата траеше неполни три часа до потполно гаснење на пожарот, со што се спречи пожар од поголеми размери, велат од МВР. Цветковски, пак, додава дека екипи контролирале и во доцните часови.

„Останаа до доцните ноќни часови, кога пожарот беше во целост локализиран и имаше извршено превенција во случај на повторно потпалување. Инаку, пожарот беснееше на тешко пристапен терен и во неговото гаснење учествуваа четири противпожарни возила и голем број пожарникари“, додаде Цветковски.

Ова е втор пожар за два дена во кој беа активирани петте воздухоплови, односно трите „ертрактори“ и двата хеликоптера за МВР. Пред два дена, огнените јазици кај кочанското село Соколарци беа закана за манастир, како и куќи и бачила во повеќе села кои беа на линијата на пожарот.

Ребека Спасова М-Нет