Без учебници учебната година ќе ја започнат учениците од трето и шесто одделение

Учениците од трето и шесто одделение учебната година ќе ја започнат без учебници. Ќе се користат помошни материјали додека да пристигнат учебниците, кои од МОН ги очекуваат кратко по почетокот на учебната година. Новите учебници се согласно со планот за реформа на основното образование, а за тоа се изработени нови наставни проеграми од Бирото за развој на образованието, доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение.

„Со учебниците за трето сме во понапредна фаза на изработка и одобрување, споредбено со оние за шесто одделение, a очекуваме сите учебници во овие две одделенија да бидат одобрени и испорачани набрзо по стартот на новата учебна година. Дотогаш ќе се користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма. Тие ќе помогнат во постигнување на резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми.“ – истакнаа од МОН.

Оттаму посочуваат дека за прво, второ, четврто и петто одделение ќе има нови учебници по сите предмети, за кои наставните програми беа креирани минатите две години. Исклучок е учебникот по Историја и општество за петто кој беше повлечен од употреба поради повеќето грешки во содржината кои мораше да бидат коригирани. По овој предмет ќе има помошен материјал сѐ додека не се изработи и достави учебникот. Од МОН укажуваат на тоа дека постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот, е сложен процес кој може да потрае и неколку месеци.

„Затоа се случува тоа, за одреден предмет, да не се заокружи пред почетокот на нова учебна година. Тоа е така поради разни причини, се случува за предметот да нема интерес за доставување ракописи од автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите. Потоа следува разгледување и одобрување од Националната комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака.“ – додаваат од МОН.

Според Министерството, сите постапки се спроведуваа согласно со законот и роковите, односно се прават максимални напори за учениците да го имаат основното средство за совладување на наставната материја. Посочуваат дека оваа година ќе биде значително поподготвена во однос на минатите.

Ребека Спасова М-Нет