Нема интерес за откуп на вранецот, лозарите во неизвесност, решение се гледа со извоз во Србија

Нема интерес од винариите за откуп на вранецот во екот на гроздоберот. Откупната цена од 21 ипол денари за килограм, која беше најавена пред почетокот на бербата, сега е неизвесна. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека дел од винариите не сакаат да го откупуваат вранецот, а како причина ја наведуваат големата количина залихи од лани. Родот годинава е добар и приносите се слични како лани, но проблемот велат е што поголемите лозари немаат сигурен откуп за целото произведено грозје. Се бара решение за пласманот, а една од можностите е извоз во Србија.

,,Оваа година приносите се како ланските, родот ќе биде со добар квалитет, почната е бербата на грозјето, меѓутоа со откупот не знамее како ќе се одвива работата нешто винариите вранецот конкретно не сакаат да го откупуваат или не сакаат да го откупуваат под таа цена, која што ја најави пред месец дена министерот. Оваа година рекоа дека цената ќе биде околу 21 ипол денар, меѓутоа нешто винариите се плакаат дека имаат заостанато од ланска година, дека им се полни визбите и подрумите. Тие што се помали лозари некои гледам дека од грозјето ќе прават некои ракија, некои вино, меѓутоа со поголемите ќе биде проблем. Се надеваме дека нешто ќе се мрдне од оваа точка, затоа што бевме на некој состанок нам инистерот, имаше некоја најава дека ќе разговара со Србија и ако може да се извесе за Србија.“, кажа Серафимов

За смедеревката, пак лозарите очекуваат откупот да помине без проблем. За разлика од вранецот, оваа сорта е повеќе барана и се очекува да се откупува по цена од околу 19 денари за килограм

,,Па не, смедеревката е со пониска цена, таа оди околу 19 денари. Смедеревката е повеќе барана и мислам дека ќе биде откупена без проблем, проблем сега е само вранецот.“, вели Серафимов

Гроздоберот во Штипско сe уште е во тек, а лозарите остануваат со прашањето кој ќе го купи вранецот и по која цена. Од Асоцијацијата велат дека, според разговорите со министерот, се разгледува можноста дел од грозјето да се пласира на пазарот во Србија. Дали ќе се најде решение за откупот, останува да се види во текот на гроздоберот.

Иван Митев, М-Нет