Градски хор Штип со голема награда од фестивалот „Пеј срце“ во Ќустендил

Со голема награда се врати Градскиот хор Штип од Меѓународниот фестивал на шлагерни песни „Пеј срце“ во Ќустендил.

Штипските хористи изминатиот викенд имаа одличен настап на фестивалот, кој два дена, на 29 и 30 август, ги собра љубителите на шлагерната музика.

Под раководство на Баже Лазаревски, Градскиот хор Штип се претстави со песните „Уште ми фалиш“, „Сакам да ти влезам во срцето“ и „Чаирска романтика“.

Со песни од убави мелодии и широка насмевка, хористите успеаја да ја освојат публиката и жирито, што резултираше со голема награда за нивниот настап.

Од хорот, за М-Нет телевизија велат дека се задоволни од учеството и од признанието, а посебно им значи што Штип и македонската песна имаа можност да бидат претставени пред публиката во Ќустендил и претставниците од повеќе држави.

Овој настап за нив, претставува нов мотив за да се продолжи со работа, посветеност и одговорно претставување на македонската песна, која е препознаена насекаде во светот.

Велат дека тие со својата позтивина енергија, уште еднаш покажаа дека кога ќе се соберат добри луѓе на едно место и ќе се запее од срце, резултатот е неминовен.

Иван Митев, М-Нет