Незири прво зимско засилување за Струга Трим Љум, нови и големи засилување за Гостивар и Беса

И денес, на Нова година, македонскиот прволигаши и второлигаши продолжуваат со засилувањата во пролетната полусезона од Првата и Втората лига, со цел остварување на зацртаните цели.

Меџит Незири ја засили Струга Трим Љум

Прволигашот Струга Трим Љум се засили со искусниот Меџит Незири, кој покрај езерото доаѓа како слободен играч, а изминатите години беше дел од Шкендија.

32-годишникот е прво зимско засилување и со своето богато искуство ќе биде големо засилување за стружани, кои презимуваат на врвот од табелата во Прва лига.

Незири имаше важна улога во Шкендија, меѓутоа двете страни не ја продолжија соработката, па Незири доаѓа во тимот предводен од Срѓан Захариевски.

Незири седум сезони беше дел од Шкендија, одигра 155 официјални натпревари и освои три титули.

Беса Добри Дол на голманската позиција се засили со Дејан Силјановски

Второлигашот Беса од Добри Дол за пролетната полусезона се засили со голманот Дејан Силјановски.

28-годишниот голман од Тетово во екипата на Беса доаѓа од редовите на Воска Спорт, а во својата кариера има настапувано и за Скопје, Гостивар, Беласица, Каменица Саса, Локомотива Бентоекспорт и матичниот Тетекс.

Фисник Зука е ново прволигашко засилување за Гостивар

Гостивар продолжува да гради тим за Прва лига, откако денес го претстави Фисник Зука како најново засилување за пролетниот дел од Втора лига.

27-годишниот лев бек доаѓа од редовите на Македонија Ѓорче Петров каде ја мина претходната полусезона. Претходно, Зука играше и за Шкупи, Работнички, Ренова и албански Фљамуртари.

Претходно, Гостивар се засили со Симеон Христов, Рејан Абази и Гордијан Христовски.

Во пролетниот дел, есенскиот шампион Гостивар ќе атакува на директен влез во Прва лига, во борба со Вардар и Воска Спорт.