Најмногу граѓани помеѓу 20 и 30 години вакцинирани минатата недела во Штип

Намален бројот на граѓани кои доаѓаат да се вакцинираат со прва доза. Во последнава недела зголемен интересот кај лицата помеѓу 20 и 30 години. Ваква е неделната статистика за последнава недела на вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Заменик координаторката за вакцинација, Ана Бурева, информираше дека процесот на имунизација е со нормален тек секојдневно.

„Во претходната недела имавме околу 300 лица закажани за ревакцина, а во текот на оваа недела бројката се намалува на околу 200 лица. Бројот за прва доза постепено се намалува, меѓутоа тоа се должи на тоа што веќе имаме повеќе лица коишто се извакцинирани и со први и со втори дози“, информира Бурева.

Во однос на старосната граница, Бурева додаде дека зафатени се сите возрасни групи, но преовладува средната генерација, помеѓу 40 и 50 години.

„Значи, кај нас се вакцинира над 12 години. Постои интерес од страна на сите возрасни групи, но најмногу од онаа средна генерација, којашто доаѓа овде. Иако во последните недела дена забележуваме пораст кај младите од 20 до 30 години. Заинтересираноста најмногу е за вакцината „Фајзер““, додаде Бурева.

Во однос на теренската вакцинација, пак, во Штип иако заврши вакцинацијата во штипските села, услугата за имунизирање на терен сè уште важи за неподвижните лица.

„Значи, прво тие ни се јавуваат, ни даваат информации за живеалиште, возраст и други потребни информации. Се оди во домашна посета каде што се вакцинираат со тим од доктор и сестра, а таму се потполнуваат и документите коишто се потребни“, истакна заменик координаторката.

Вакцинацијата продолжува да се одвива во две смени без закажан термин. На вакциналниот пункт во Штип за вакцинација и понатаму доаѓаат и граѓани кои не се жители на Штип. Медицинскиот персонал имунизира и лица кои се од општините во регионов или кои во моментов се затекнати во Штип.

Граѓаните кои доаѓаат да се вакцинираат овде апелираат и до оние кои се двоумат да се одлучат на вакцинација во полза на здравјето. Сепак, додаваат дека секој треба да одлучи за себе.

Според информации од МЗ, заклучно со вчера вкупно се аплицирани 1.381.901 дози вакцини, а ревакцинирани се 623.278 граѓани. Во петокот и саботата вкупно се вакцинирале 23.221 граѓани, а само прва доза примиле 4.019 граѓани.

Досега 54% од населението над 40 години, 30% од населението над 18-39 години имаат примено барем една доза вакцина.

Ребека Спасова МНет