„Гласен текстилец“ и „Кампања за чиста облека“ ќе се борат за правата на работниците од „Алкон текс“

Остварена средба помеѓу невладината „Гласен Текстилец“ и организацијата „Кампања за чиста облека“ (“Clean clothes campain”) која дејствува, главно, на територија на Германија. Од истата претседателката Апмева побарала помош и поддршка при случајот со работниците од „Алкон текс“, сметајќи дека правдата може да се бара и надвор од државава.

„Имавме средба со работничките од „Алкон текс“. Со колешките разговаравме за она што направивме ние како здружение изминатите месеци во врска со овој случај. И ова е еден од оние случаи за кои сметам дека не може да помине вака како што моментално поминува, бидејќи ако немаме помош и поддршка од една правна држава, од институциите кои што досега 99% не одговорија на барањето на работничките и работниците, односно исплатата на нивните плати, придонеси од плати, опремнини и слично, сметам дека можеме да одиме чекор понапред и да ја бараме правдата надвор од границите на нашата држава“, истакна Ампева.

Имено, ваквата средба била дел од програмата на оваа организација која се труди да донесе промени во текстилната индустрија правејќи истражувања и посетувајќи повеќе текстилни компании за информации од прва рака. И самата цел на оваа посета била работниците да знаат дека се слушнати и ним да им се покаже солидарност, а компаниите да знаат во какви услови се шие нивната облека.

„За регионот најчесто се платите. Не дека не се исплатени минималните плати, но не се исплатени прекувремените часови, непримање или исплата на бонуси, неплатени денови за одмор и празници.
Повеќето од работниците работат во сабота, иако сабота се смета за неработен ден и најчесто се платени како нормален работен ден. Ова е најчестата и најголема загриженост на работниците, поради тоа што е директно поврзана со нивните плати. Исто така има и неправилности во нивните работни договори, типот на работниот договор, кои директно влијаат на нивните бенефити, а воедно влијае и на нивната плата.“

Покрај платите, организацијата се грижи и за условите во кои работниците работат, а кои се од директна важност за нивното здравје, сметајќи го и психичкото и физичкото здравје. Она за што тие имале најмногу пријави било понижувачко однесување кон работниците, навреди и вознемирување на работно место и сл. однесување кое е надвор од човечкото достоинство.

„Проблемот е што струката не е безбедна за работниците. Не само во Камбоџа, туку и во Македонија, за пример, Србија, Романија или во други држави од регионот сме известени дека работниците ја губат свеста пред машините за шиење, поради притисокот за работа, лошиот воздух во фабриките, поради високите температури во просториите и слаба нахранетост и хидрација. Тоа е поради малите плати. Работниците не можат да се нахранат, но и да ги нахранат своите семејства како што е потребно.“

Оваа организација работи околу 30 години и има партнери во повеќе држави, а во последниов период особено се посветени на работничките права во време на пандемија.

Ребека Спасова МНет