
644 сообраќајни прекршоци во еден ден – приведени петмина возачи поради безобзирно возење. Вчерашниот ден одбележан со сериозна бројка на сообраќајни прекршоци – дури 644 санкции биле изречени на патиштата низ земјава. Најмногу од нив, 183, се однесуваат на непрописно паркирање, а 158 за возење со брзина поголема од дозволената.
Загрижува и фактот што 82 лица биле фатени зад воланот без возачка дозвола, а петмина возачи се лишени од слобода поради безобзирно управување возило, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Кај нив биле утврдени вредности на алкохол над 1,5 промили, што претставува директна опасност по безбедноста во сообраќајот.
Полицијата регистрирала и 33 прекршоци за користење мобилен телефон, 37 за неносење сигурносен појас, и 27 за неносење заштитен шлем кај возачи на мотоцикли. Санкционирани се и пет возачи кои поминале на црвено светло, како и 10 лица кои управувале возило под дејство на алкохол.
Од сообраќај се отстранети и 16 возила поради непоседување важечка сообраќајна дозвола, како и четири технички неисправни возила. Од МВР најавуваат дека контролите продолжуваат и во наредните денови, со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата за поголема безбедност на патиштата.
Иван Митев, М-Нет