Над 100 млади борачи на турнирот за „Света Троица“ во Карбинци


Во организација на Боречкиот клуб „Киро Ристов“ и Боречкиот клуб „Карбинци“, вчера во општина Карбинци успешно се одржа традиционалниот турнир во борење за деца по повод верскиот празник „Света Троица“. Настанот годинава беше организиран по петти пат и повторно ги собра најталентираните млади борачи од повеќе градови низ Македонија.
На турнирот настапија седум боречки клубови: БК „Киро Ристов“, БК „Карбинци“, БК „Балканец“ од Штип, БК „Неготино“ од Неготино, БК „Борец“ од Велес, БК „Спартак“ од Кочани и БК „Бучим“ од Радовиш. На борилиштето своите вештини ги покажаа околу 100 млади натпреварувачи, кои преку бројни интересни и неизвесни борби демонстрираа голем талент, спортски дух и желба за успех.
Присутните имаа можност да проследат квалитетни натпревари, а турнирот уште еднаш потврди дека борењето има светла иднина во Македонија и дека младите генерации успешно ја продолжуваат традицијата на овој спорт.
За регуларноста на натпреварите се грижеа судиите Сане Арсов и Марјан Лазаров од Штип, како и Људмил Кандиларов од Петрич, Бугарија, кои професионално го водеа турнирот.
Организаторите изразија задоволство од масовноста и интересот за настанот, нагласувајќи дека турнирот „Света Троица“ прераснува во препознатлива спортска манифестација која од година во година привлекува сè поголем број млади борачи и љубители на боречкиот спорт.