
Штипската библиотека ги додели наградите за литературниот конкурс. Новинарот Иван Бојаџиски доби признание за најзастапен автор во промовираните библиографии „Штип и штипјани во дневните весници и списанија“. На денешниот настан ученици од основните и средните училишта во Штип ги прочитаа своите творби испратени на претходно распишан конкурс, за кои добија и награди.
„Денеска во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип се одржуваат два настани поврзани во еден. Првото е доделување на наградите од литературниот конкурс, кој се одржува секоја година во библиотеката по повод 23 април – Светскиот ден на книгата и авторското право. Оваа година сите учесници твореа на темата „Мојот град“. Ќе бидат доделени по три награди во три категории, првата се учесници од прво до петто одделение, втората од шесто до деветто и третата е категоријата на возрасни. Имаме прво, второ и трето место во сите три категории. Вториот настан е промоција на тековната библиографија „Штип и штипјани во дневните весници и списанија“, што се библиографии за две години, 2019 и 2020 година“, вели Жаклина Петрушева, библиотекар.
Во однос на вториот дел од настанот, промоцијата на библиографиите, новинарот Иван Бојаџиски за текстовите во весникот „Штипски глас“ доби признание за најзастапен автор во библиографиите. Бојаџиски им порача на младите да продолжат да го негуваат новинарството, зашто како што рече, во некој од текстовите за конкурсот препознал идни новинари. Според него, Штип треба и во иднина да го има и чува „Штипски глас“.
„Има една стара мудрост која сакам да ја запаметите: „Не се случило тоа што не останало запишано во весниците“. Овој настан во овој храм на книгата само го потврдува тоа. Вие денес ако ја побарате историјата на нашата држава, на нашиот град, може да ја најдете само во библиотеките, затоа што таа е дебело запишана во нашите весници. Огромна штета е што нашата убава држава има само три или четири дневни весници“, истакна Бојаџиски.
На литературниот конкурс, сметајќи ги сите категории, прво место добија Нина Голубова, Андреј Стојанов и Милена Милорадова, второто место им припадна на Александра Алексова, Александра Саздова и Димитриј Давитков. Со дипломи за трето место, пак, се здобија Лина Тушевска, Ѓорѓи Димов и Тамара Крстева. Манифестацијата се одржа по повод патронот на Библиотеката, односно одбележувањето на 119 години од смртта на Гоце Делчев.
Ребека Спасова М-Нет