Маја Стојменова од Штип – жена зад воланот на градскиот автобус

37-годишната Маја Стојменова од Штип веќе една година работи како возач на градски автобус во ЈП „Стипион“. Нејзината желба се родила уште од дете, и растејќи си ги остварувала своите цели, стекнувајќи се со сите возачки категории. За Стојменова најголема поддршка се сопругот и трите деца, кои се родеат со неа. Пред камерите на М-Нет ТВ, Стојменова вели дека нема ништо поубаво од тоа да ја работиш работата што ја сакаш.

,,Па уште од мали нозев сакав да возам и со таа желба си ги исполнував постепено за Б категорија, Ц, Д и така. Значи најпрво сопругот од него имам најголема поддршка и децата и они сите се со мене. Најубаво ми е овоа што го сакам, затоа го работам и не ми е тешко“, рече Стојменова

Стојменова раскажа дека на почетокот луѓето биле зачудени, но со текот на времето се навикнале. Таа испрати и порака до сите девојки и жени, да уживаат и да возат.

,,Веќе се навикнати, претходно, на почетоко и беше малку чудно ама сега веќе и е сеедно. До сега најкоректно луѓето, со сите сум супер. Kолку што може повеќе, кој сака слободно охрабрувам ги да возат, ништо не е тешко. Порака од мене уживајте и возите”, истакна Стојменова

Од детска желба до професија Маја денес гордо седи зад воланот на градскиот автобус. Оваа храбра жена ја има и поддршката од патниците, кои ја прифатиле сосема природно и со насмевка. Некои од нив ја познаваат Маја и велат дека е добар возач, и одлично вози, а нејзиното присуство зад воланот им е сосема пријатно и нормално.

Сите треба да се охрабруваат и да си бидат поддршка едни на други. Маја покажува дека со желба, храброст и упорност нема машки и женски професии. Важно е човек да го работи она што го сака и во што се пронаоѓа.

Ева Тушевска, М-Нет