„Маршот на ангелите“ во Кочани нема да се одржи оваа сабота поради Водици

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ од Кочани ја информира јавноста дека најавениот настан „Маршот на ангелите“, кој требаше да се одржи во сабота, 17 јануари 2026 година, нема да се реализира.

Како што се наведува во соопштението, одлуката е донесена од почит кон големиот православен празник Водици (Богојавление) – ден кога верниците духовно се собираат, се осветува водата и се потсетуваат на силата на Божјата благодат.

Од здружението посочуваат дека деновите пред празникот Водици се време посветено на тивка молитва, смирение и внатрешен мир, во духот на православната традиција.

„Нека Божјата милост биде со вас“, се наведува во завршницата од известувањето.

Организаторите апелираат до граѓаните за разбирање и почитување на одлуката, нагласувајќи дека таа е донесена со длабока духовна и верска одговорност.