
Мал фудбал, кошарка, одбојка во Основното општинско училиште „Димитар Влахов“ во Штип ќе може да се игра на нови терени. Активностите за рекострукција се започнати, а истите би требало да траат до крајот на тековната година. Овој проект е со цел подобрување на спортската инфраструктура во градот.
„Во наредниот период ќе бидат реконструирани четири спортски терени, од коишто два ќе бидат со тартан, а останатите два ќе бидат со вештачка трева. Ќе бидат поставени и детски реквизити со две платформи од 100 и 150 сантиметри за одвивање на наставни и воннаставни активности во нашето училиште“, вели Невенка Величкова, директорка на ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.
Градоначалникот Јорданов вели дека овозможувањето услови за спорт треба да ги мотивира учениците од ова училиште, но и другите деца и млади од оваа населба да се одлучат за здрав начин на живот со повеќе спортски и рекреативни активности.
„Знаете дека Основното училиште „Димитар Влахов“ е училиште со поголем број на ученици во најголемата населба Сењак. Овој простор го користат и учениците, но и дечињата од околните станбени згради, така што целиот двор, сите спортски терени целосно ќе бидат осветлени, ќе се модернизира целиот двор, ќе има и заштитна ограда“, истакна градоначалникот Јорданов.
Проектот е финансиран од Општина Штип преку Програмата за образование, а преку ООУ „Димитар Влахов“, а за модернизирање и реконструкција ќе бидат потрошени повеќе од 3 милиони денари од општинскиот буџет.
Ребека Спасова М-Нет