
Кочанските југоносталгичари со обиколка низ кочанските улици го одбележаа јубилејниот 80. роденден на Југославија. Историската важност на 29 Ноември е дотолку важна што треба да биде пример на помладите генерации, а потсетник за придобивките од живеењето во заедничката југословенска држава.
„Тоа е празник над празниците, најголем празник којшто ние како нивни потомци треба секогаш да го почитуваме, бидејќи темелите на оваа денешна Македонија се базирани на темелите на АВНОЈ. Тоа е вистина, која, за жал, многумина ја заборавија, а којашто, за жал, никогаш не треба да биде заборавена, не само од нас, туку и од нашите деца, внуци и правнуци и по тој повод ние како Здружение на граѓани сакамеда оддадеме почит на овој ден и да се види дека уште има почитувачи на ликот и делот на Тито и на Југословенската федерација“, рече Трајче Трендов, претседател на ЗГ „Јосип Броз Тито“ – Кочани.
Свечениот собир, дефилето со знамиња и песни од југословенскиот период се со цел да се види дека сѐ уште постојат почитувачи на некогашната држава, која иако сега ја нема, е значајна и за македонската државност.
„Ако не беше Југославија, прашање е каде ќе беше Македонија? Дали во Бугарија, дали во Грција, дали во Албанија? Југославија е темелот на македонската држава, бидејќи тогаш таа македонска народност, нација, беше признаена како рамноправна во рамките на таа Југословенска федерација и тоа не треба да се заборави никогаш“, додава Трендов.
Кочанските титовисти се единствени на ставот дека не треба да се дозволи злоупотреба и извртување на историските факти против идејата за македонска државност, чие постоење е потврдено пред 80 години.
Ребека Спасова М-Нет