
Денес беа одиграни натпреварите од вонредното 16. коло од Првата македонска фудбалска лига. Штипска Брегалница дојде до нов важен бод во борбата за прогрес кон средината од табелата.
Дербито на Истокот меѓу Брера и Брегалница се одигра во Струмица, а конечниот исход беше поделба на бодовите откако двете екипи ремизираа играјќи 1:1. Домашниот тим преку Цветаноски во 44. минута дојде до 1:0 на полувреме. Во вториот дел гостите од Штип се обидуваа да дојдат до брз гол за израмнување и враќање во игра за трите бодови. Сепак, израмнувањето се случи во 94. минута кога Вебстер постигна гол за конечни 1:1 и со тоа обезбеди голем и важен бод за Брегалница.
Во Струмица денес се одигра уште еден прволигашки натпревар меѓу Гостивар и Шкупи, кој заврши исто така без победник и без голови (0:) со поделба на бодовите.
Вардар го нанижа четвртиот пораз во низа и останува закован на дното од табелата, откако денес загуби од шампионот Струга со 1:3 на домашен терен. Гостите со голот од пенал на Згуро дојдоа до 0:1 во 7. минута, а веќе во 12. минута Таири постигна гол за 0:2.
Во 32. минута Вардар преку Милосавич од пенал намали на 1:2 на полувреме. Во вториот дел Компаоре погоди за конечни 1:3 и не дозволи било какво изненадување.
Воска Спорт на домашен терен забележа висок пораз од Тиквеш со резултат од 0:3. Во меч каде за гостите од Кавадарци двоен стрелец беше Иван Ивановски, а еднаш погоди и Едиз Спахиу.
На полувреме гостите имаа водство од 0:1, а домашниот тим од 45. минута беше со играч помалку откако Ален Јашароски заработи директен црвен картон.
Македонија ЃП конечно победи откако на домашен терен со минимални 1:0 го доби кратовски Силекс и на своето конто додаде нови три важни бодови во борбата за повисок пласман на прволигашката табела. Стрелец на единствениот победнички гол за „лавовите“ беше Самир Фазли постигнат во 83. минута од мечот.
Шкендија на домашен терен со 2:0 го доби дербито со Работнички со што го искористи „киксот“ на Шкупи за да се израмни на табелата. По мирните мрежи (0:0) во првиот дел, на стартот од второто полувреме Аденис Шала погоди за 1:0 и водство на Шкендија.
Неизвесноста околу трите бодови траеше до 92. минута кога Енур Торте постигна гол за конечни 2:0.
Шкупи и Шкендија со по 32 бодови го делат врвот, Струга е трета со 30 бодови, но и меч помалку, Силекс е на 4. место со 23 бодови но и меч помалку, Тиквеш е на 5. место со 22 бодови, со по 20 бодови Брера, Гостивар и Работнички го делат шестото место.
На деветтото место е Македонија ЃП со 18 бодови, Воска Спорт и Брегалница го делат 10. место со по 16 бодови но охриѓани имаат меч помалку, а на дното со 11 бодови е Вардар кој исто така има меч помалку.
АВТОР: Александар Ванев