Македонија неподготвена за нов ценовен шок, наместо да се зајакне домашното производство, Владата чека повторно храната сериозно да поскапи, предупредуваат од Левица

Според Левица, Владата на ДПМНЕ повторно ќе ги остави граѓаните со најмизерни плати во Европа сами да се справуваат со последиците од неспособноста на власта.

Од партијата оценуваат дека нов ценовен бран на храната се приближува кон Македонија, а државата повторно нема стратегија како да го заштити стандардот на граѓаните.

Предушредуваат дека светските цени на храната повторно растат, а првите удари кај нас може да се почувствуваат уште во октомври и ноември, додека посериозниот удар врз лебот, млечните производи и преработената храна се очекува во 2027 година.

Од Левица оценуваат дека за македонскиот граѓанин ова не е никаква апстрактна економска прогноза. „Храната веќе зема огромен дел од домашниот буџет. Според објавените податоци, во 2025 година храната и безалкохолните пијалаци учествувале со дури 50,1% во расходите на домаќинствата. Тоа значи дека секое ново поскапување најдиректно удира по џебот на обичниот човек. А Македонија во новиот ценовен бран влегува со ослабено домашно производство.

Наместо да имаме силно земјоделство кое ќе ни биде брана од светските ценовни шокови, земјоделецот кај нас е оставен сам да се снаоѓа. Само во јули трошоците за земјоделските инпути биле 4,1% повисоки од истиот период лани, додека цените што ги добивале производителите биле пониски за 5,5%. Со други зборови, земјоделецот плаќа повеќе, а заработува помалку. И затоа не треба да се чудиме што имаме сè помалку луѓе кои сакаат да се занимаваат со земјоделство. Со години гледаме како селата се празнат, младите бегаат, обработливото земјиште останува неискористено, а државата се потпира на увоз за да ги полни полиците во маркетите“.

Од Левица појаснуваат дека официјалната статистика одамна покажува колку е фрагментирано и ранливо македонското земјоделство, со огромен број мали земјоделски стопанства и ограничена економска моќ на производителите. Најлошото е што, како што додаваат, Владата не гледа на земјоделството како стратешка гранка. „Го гледа како ставка во буџетот која треба да се покрие со субвенции од година во година. А земјоделството не се спасува со еднократни мерки кога ќе настапи криза. Земјоделството се гради со години напор и сериозна Владина стратегија.

Наместо Владата повторно да чека да поскапи храната па потоа да глуми дека презема мерки, потребно е веднаш да се преземат, превенривни наместо реактивни, конкретни чекори.

Прво, мора итно да се ревидираат и наполнат државните резерви на основни прехранбени производи. Државата мора да има залихи со кои може да реагира кога ќе има нарушување на пазарот, а не да зависи од тоа што ќе се случува на светските берзи.

Второ, мора да има засилени инспекциски контроли во маркетите, особено во делот на формирањето на цените и маржите. Не може секогаш граѓанинот да биде тој што го плаќа целиот товар, додека низ синџирот од производител до маркет цената се зголемува повеќекратно. Владата мора да ги провери маржите и, каде што е потребно, да интервенира со конкретни мерки“.

Потребна е, како што нагласуваат и агро-банка, која ќе обезбедува евтини и долгорочни кредити за земјоделците, со услови приспособени на земјоделското производство. Земјоделецот, оценуваат од таму, не може да функционира со исти услови како фирма што има приходи секој месец.

„Ако немаме производство, ќе зависиме од увоз. Ако зависиме од увоз, ќе зависиме од светските цени. А кога ќе пораснат светските цени, македонскиот граѓанин ќе плаќа огромни цени. Затоа, не е доволно Владата да кажува дека инфлацијата моментално е 2,3% или дека има краткотрајно смирување. Новиот ценовен циклус покажува дека проблемот не е решен, туку само е ставен на пауза“.

Македонија, подвлекуваат од Левица, мора да се подготви пред ударот, а не откако ќе стигне на каса во маркет.

„Наместо милијарди да се трошат за увоз на храна, тие средства треба да се насочат кон домашниот земјоделец. Наместо да чекаме странските пазари да ни ја одредуваат цената на лебот, треба да изградиме сопствено производство кое ќе ни даде сигурност. Држава што не произведува храна не е економски независна држава. А Влада која не го разбира тоа, не може да се фали со економски успех додека граѓаните повторно се подготвуваат за нов шок врз домашниот буџет“.

Текстот Македонија неподготвена за нов ценовен шок, наместо да се зајакне домашното производство, Владата чека повторно храната сериозно да поскапи, предупредуваат од Левица е превземен од МАКФАКС.