Лоша хидролошка состојба и бизарни кражби во ХС Калиманци

Продолжуваат кражбите на каналската мрежа на стокилометарскиот  наводнителен систем од хидросистемот Брегалница. Од раководството на брана Калиманци за М-Нет објаснија дека недостигот на општевствена свест направи огромни штети на бетонските канали од страна на несовесни граѓани.

И покрај нивната огромна тежина, се откопуваат и товараат на тракторски приколки и се носат во сопствените домови. Бетонските каналетки од секундарната наводнителна мрежа, наместо за дотур на вода по полињата од Македонска Каменица, па се до Штип, се претворени во руини.

Каналите се крајно оштетени и се јавуваат како една од причините за масовни поплави и милионски штети врз посевите на близу 8 илјади хектари.

Хидросистемот Брегалница, редовно поднесува кривични пријави против несовесните сторители, чии бизарни кражби за минимални средства продуцираат огромни штети  на заедницата.

Инаку и покрај овие потешкотии, наводнителната сезона на оризот е во добра кондиција. Досегашната координација помеѓу водоистопанското претпријатие и земјоделците ќе резултира со успешно завршување на годинашната наводнителна сезона, која ќе потрае уште 20 дена, изјави за М-Нет директорот на брана Калиманци – Дејан Митров.

Според Митров, покачувањето на нивото на вода по последните врнежи не е доволно, но сепак ќе овозможи рентабилно работење на оваа акумулација.

Продолжува поставувањето на бендови, со кои се зафаќаат проточните води од реките, кои се на нанајниско ниво во овој период од годината. Во моментов, во браната Калиманци има расположливи 28 милиони метри кубни вода, а секоја секунда во оваа брана се влеваат по два метри кубна вода.

Експертите ја оценуваат како лоша оваа хидросостојба, бидејќи со 30 милиони кубни вода се ставаат во категоријата на низок водостој.

Иако  имаше поразлични наговестувања, факт е дека хидролошката состојба со минималното покачување на нивото успеја да ги наполни и да ја одржи вегетацијата во оризовите полиња, момент кој беше потпомогнат со локалните поинтезивни врнежи во изминатиов период. Освен за наводнување, вишокот на вода од акумулацијата Калиманци се користи и за производство на електрична енергија.

Енергијата се трансформира преку изградената мала хидроцентрала со инсталирана моќ од 13,8 мегавати.