Владата на Мицкоски го турка отворањето на рудникот „Плавица – Црн Врв“ во Кратово и Пробиштип, но зад зборовите за „инвестиции“ и „економски развој“ се крие КАТАСТРОФАЛЕН факт: македонското злато, бакар и сребро ќе ги експлоатира компанија во 100% сопственост на австралиски капитал, велат од Левица преку соопштение.
„Приказната започнува во 2009 година, кога концесиите за истражување на „Плавица и Црн Врв“ ги добива „Силекс“ од Кратово, а потоа во проектот влегува австралиската Genesis Resources Limited. Во 2015 година Владата склучува договор за 30-годишна концесија за експлоатација на злато, бакар и сребро со „Silgen Resources International“. Тогаш Genesis поседува 62%, а партнерот поврзан со „Силекс“ 38%.
Но, во 2024 година Genesis го презема и преостанатиот удел од 38%. Денес „Silgen Resources International“, формалниот носител на концесијата, е 100% во сопственост на австралиската Genesis Resources Limited. Значи, додека Македонија ја има рудата под својата земја, странскиот капитал го има правото да ја вади и продава.
И додека Владата го претставува ова како „нова инвестиција“, реалноста е дека македонското природно богатство е дадено под 30-годишна концесија, а контролата врз проектот заврши целосно кај австралиска компанија. Златото, бакарот и среброто остануваат македонски само додека се под земја – штом се извадат, профитот оди кај КОНЦЕСИОНЕРОТ.
ДПМНЕ се откажува од директната контрола врз сопствените ресурси и потоа се фали со минималните приходи што ги наплатила од оние на кои им го дала правото да ги експлоатираат“, се вели во соопштението.
Текстот Левица: ДПМНЕ го дава македонското злато, бакар и сребро во Пробиштип и Кратово целосно во рацете на австралиска компанија е превземен од МАКФАКС.