КУП: Мојсов – ова е историско финале за Тиквеш, Захариевски: Го посакуваме пехарот!

ФОТО: Телевизија М Нет

Утре на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 19 часот, ќе се одигра 31-то финале од Купот на Македонија меѓу Тиквеш и Воска Спорт.

На денешната прес-конференција, тренерите и капитените на двата тима ги споделија своите очекувања за утрешното соочување од големото финале.

Шефот на стручниот штаб на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов вели дека нема да бидат скромни, сакаат да го освојат пехарот.

„Кога сме веќе во финалето, секако дека сме тука и да го освоиме. Нема да бидеме скромни, сакаме да го освоиме пехарот. Верувам дека моите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани и дека ќе ја заокружиме оваа сезона на најдобар можен начин. Победникот може да го реши еден момент, грешка или инспирација на одреден фудбалер“, вели Мојсов.

Капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски вели дека Тиквеш има голема традиција, очекува со победа да ја крунисаат за нив успешната сезона.

„Тиквеш има голема традиција, а сега првпат ќе играме и во финалето на Купот. Ќе дадеме се од себе, па и повеќе од тоа, за да слави цело Кавадарци. Подготвени сме, имаме позитивен притисок и навистина се надевам дека победа во финалето ќе биде круна на успешната сезона“.

Двете екипи за првпат играат финале, шефот на стручниот штаб на Воска Спорт, Срѓан Захариевски вели дека Тиквеш имал оделична сезона особено во пролетниот дел, додаде дека еднаш бил учесник во финалето од Купот како тренер на Металург и загубил од Работнички, се надева дека сега со Воска ќе биде поуспешен.

„Тиквеш има голема традиција, иако после толку години првпат кавадарчани стигнуваат до финале. За разлика од нив ние сме млад клуб кој постои неколку години, ова е прва година во Прва лига за Воска и веднаш стигнуваме до историско финале што е голем успех. Првенството го завршивме на посакувано место, па сега одиме да се надигруваме против Тиквеш во Купот на Македонија. Тие се хит во пролетниот дел од сезоната и сакам да им честитам за четвртото место на табелата кое е одлично остварување за Тиквеш. Играат добро, но сепак и ние сме во добра форма, долго време сме без пораз и дојдовме во Скопје да се надигруваме и да го освоиме Купот на Македонија. Еднаш бев учесник во финале како тренер на Металург и загубивме од Работнички. Се надевам дека сега со Воска Спорт ќе бидеме поуспешни и дека ќе ги оствариме нашите цели“, рече Захариевски.

Капитенот на Воска Спорт, Костадин Захов вели дека очекува добар натпревар, додава дека Тиквеш е заслужено во финалето, се надева дека ќе успеат да го освојат пехарот.

„Очекувам добар натпревар. Тиквеш е квалитетна екипа, играат офанзивен фудбал и заслужено се тука. Ние исто така имаме свои очекувања од мечот за титула. Многу е поинаку од моите претходни искуства во вакви натпревари. Веројатно и многу поголем предизвик. Се надевам дека ќе успееме да стигнеме до пехарот. Блиску сме до пехарот, но треба и да се одигра финалето на најдобар можен начин”, вели Захов.

Натпреварот се игра под рефлектори на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Александар Ванев, М-Нет