КУП: Историско финале за Струга, Македонија ЃП преку пенал-рулетот одново во финале

Струга Трим Љум и Македонија Ѓорче Петров ќе се соочат во големото финале од Купот на Македонија.

„Лавовите“ ќе ја бранат Куп-титулата во големото финале против Струга, која за првпат ќе игра финале од Купот на Македонија.

Струга Трим Љум обезбеди историско финале од Купот на Македонија, откако во полуфиналето со минимални 1:0 славеше над Силекс, во меч кој беше реприза на ланското полуфинале, но тогаш Силекс со минимални 0:1 обезбеди финале.

За Струга ова е прво финале во историјата на овој клуб, а стружани продолжуваат цврсто да „газат“ на патот и кон историска двојна титула. Дефинитивно, Струга ја игра најдобрата сезона од своето постоење.

Клубот е на добар пат да ја освои титулата во Првата македонска фудбалска лига, а со обезбедување на место во големото финале од Купот и на добар пат за двојна титула.

Херој за Струга Трим Љум беше Меџит Незири, кој во 65. минута ја стресе мрежата на кратовци за минимална, но голема и историска победа за неговата екипа.

Струга нема титула откако е во Првата македонска фудбалска лига, а сега е на добар пат да ја освои двојната круна.

Шкендија и Македонија Ѓорче Петров во Тетово одиграа 1:1 во големата дерби полуфинална пресметка.

Есмин Личина со погодок во 12. минута обезбеди предност од 0:1 за „лавовите“, резултат со кој се замина и на полувреме.

Во вториот дел Шкендија повеќе ја имаше топката и притискаше, а тоа резултираше со израмнување преку Милев во 65. минута од мечот.

До крајот на натпреварот двете екипи имаа по неколку шанси, но мрежите мируваа, па натпреварот се решаваше во пенал-рулетот.

Во првата серија од пенал-рулетот Стевковски му фати пенал на Чинари, а пак за „лавовите“ погоди Мишевски. Во втората серија Милев даде гол за Шкендија, а Личина биеше над голот.

Во третата пенал серија Шаља погодија Шкендија, а сигурен реализатор беше и Алексовски. Во следната серија Торте сигурно реализираше, а пак Талески го одбрани ударот на Да Силва.

Дориев не реализираше, а Фазли израмни, додека пак во последната серија Чака ја погоди пречката, а пак Самаке сигурно ја погоди мрежата на Талески и обезбеди ново финале и можност за одбрана на Куп-титулата за Македонија Ѓорче Петров.

Тренерот на Македонија Ѓорче Петров, Горан Симов, уште еднаш се покажа дека е мајстор за Купот на Македонија, откако во далечната 2006 година како голман ја освои Куп-титулата со Македонија ЃП, а пак во 2021 година со Силекс како тренер ја освои Куп-титулата.

Симов сега во својата играчка и тренерска кариера ќе се бори за своја трета Куп-титула.