
Да се засили епидемиолошкиот надзор, да се подигне свеста за присуство на морбили, да се конролира документацијата кај оние кои не се или не се целосно вакцинирани. Ова се дел од препораките кои ги донесе Комисијата за заштита од заразни болести врз основа на разгледувањето на првиот случај на морбили во земјава. Портпаролот, д-р Злате Мехмедовиќ, меѓу другото посочи и дека материјалите од суспектни случаи треба да се испратат до лабораторијат во ИЈЗ за дефинитивна дијагноза.
„Да се засили епидемиолошкиот надзор врз сите осипни трески затоа што на тој начин ќе можеме побрзо да го ублажиме процесот на ширење на новодетектираните случаи. Второто е да се подигне свесноста помеѓу здравствените работници и помеѓу популацијата за присуство на морбили во државата, третото се однесува на матичните лекари, на педијатрите и дефектолозите, внимателно да ги следат сите симптоми, што се карактеристични и истите да ги пријавуваат до надлежните центри, воедно суспектните случаи да ги препратат до специјалисти инфектолози за понатамошна дијагностика“, истакна д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.
Д-р Мехмедовиќ посочи дека детето заразено со морбили, кое беше хоспитализирано во штипската болница, претходно имало инфекција на очите, па ја посетило соодветната Клиника во Скопје. Се истражува дали таму има потенцијални случаи кои се пренос на инфекцијата.
„Со оглед на информациите, 13 дена пред да се појават симптоми и осипот кај детето, била направена посета на Институтот за микробиологија и воедно на Клиниката за очни болести во Скопје, затоа што имало инфекција на очите. Како резултат на дополнителните испитувања од Клиниката за очни болести испратени до Институтот за микробиологија да се земе брис, ЦЈЗ и ИЈЗ веќе работат на епидемиолошка анализа поврзана со овие места за да се види дали тука има некои потенцијални случаи кои може да ја пренесат инфекцијата“, додава Мехмедовиќ.
Според Комисијата за заразни болести, во моментов нема суспектни случаи на морбили, а на домашно лекување е и детето од Свети Николе кое беше заразено со морбили.
Ребека Спасова М-Нет