
Македонија преку мини-подготовки кој се реализираат во Скопје ќе оди на соочување со Естонија во рамки на претстојниот трет евроквалификациски прозорец.
Селекторот на македонската репрезентација, Александар Јончевски ги повика следниве 16 кошаркари.
Војдан Стојановски, Андреј Магдевски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Марин Петков, Стојан Ѓуроски, Дамјан Робев, Виктор Ефремовски, Андреј Шошкиќ, Теодор Симиќ, Страхил Николов, Ненад Димитријевиќ, Лејсон Зеќири, Андреј Јакимовски, Итан Хап и кошаркарот Ти Џеј Шортс.
Македонија во петок ќе игра против Естонија во Талија, а пак три дена подоцна на домашен терен ќе ја пречека репрезентацијата на Полска, а овој меч ќе се одигра во понеделник во СРЦ „Кале“ со почеток од 18:30 часот.
„Во моментов размислуваме само на Естонија и на натпреварот кој мора да го добиеме за да одиме понатака, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот можеби не е во најпосакуван изглед во моментов. Имаме среќа што Ненад Димитријевиќ е со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека како тандем ќе функционираат беспрекорно и ќе дојдеме до победа. Со Јакимовски сум во контакт, имавме позитивни одговори од Колорадо затоа што имаа минимални шанси да се квалификуваат понатаму. Но, пред скоро добивме порака дека тимот има шанси да оди понатаму. Се надевам дека ќе се појави тој во Талин и ќе го имаме на располагање. За разлика од претходниот циклус, го имаме Теодор Симиќ, кој се надевам дека ќе помогне за игра под кошевите, најголемиот проблем кој го имавме претходно со такви физички репрезентации. Тука гледам наша шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин“, рече селекторот Јончевски.
Натпреварот против Естонија ќе започне во 18 часот.
Александар Ванев, М-Нет