Кошаркарките на Патриот од Делчево изборија опстанок во Првата лига

И следната сезона кошаркарките на Патриот од Делчево ќе бидат дел од Прва лига, откако успеаја да изборат опстанок во елитата.

Низ тешка и неизвесна сезона кошаркарките на крај стигнаа до својата цел да се избори опстанокот, а со тоа и следната сезона Делчево да биде на мапата на прволигашката кошарка во Македонија во женска конкуренција.

Од Прва лига во второлигашката конкуренција се пресели тимот на Спорт Тим кој заврши на дното од табелата, додека пак екипите на Крива Паланка, Баскет Кам, Бадел и Вардар ќе играат во плеј-офот, каде ќе се борат за шампионска титула.

По комплетирањето на вториот дел од шампионато на врвот заврши Крива Паланка со 39 бодови, шампионот Баскет Кам заврши на втората позиција со 37 бодови, Бадел е трет со 36 бодови, а пак Вардар е четврти со 35 бодови.

Екипата на Пробаскет заврши како петта со 31 бод, МЗТ Бела Вода е шести со 26 бодови, Патриот од Делчево седми со 25 бодови и испаднатиот Спорт Тим последен со 22 бодови.

Александар Ванев, М-Нет