Кошаркарите на Штип гостуваат во Битола кај Пелистер, шампионот МЗТ против Скопје, Работнички ќе бара шеста победа во низа

В недела со четири средби се отвара 6. коло на кошаркарската Суперлига, а се затвара во понеделник со еден меч.

ГКК Штип в недела ќе гостува во Битола каде ќе се соочи со Пелистер, дуел кој ќе се одигра во спотската сала „Боро Чурлевски“ од 19 часот. По пет кола Штип дојде до првата сезонска победа совладувајќи ја Струмица на домашен терен во салата „Џексон“ и победнички ќе патува во Битола каде ќе игра против Пелистер кој не е во посакуваната форма.

Штип по серијата од четири порази дојде до првата победа, а пак Пелистер игра променливo со три порази и две победи и тука е моментот во кој Штип гледа шанса да дојде до втората победа.

Струмица по поразот во градот под Исарот на домашен терен ќе има предизвик против Тиквеш во трката во која двете екипи имаат ефект од две победи и три порази.

Шампионот МЗТ ќе гостува кај Скопје во дуел каде „штрковите“ ја имаат фаворитската улога на мечот против претпоследниот тим на табелата.

Кожуф ќе го предизвикува непоразениот лидер Работнички. Тимот од Гевгелија е со ефект од три победи и два порази и бара четврто славје против скопскиот тим кој има пет од пет и засега е непоразен тим во шампионатот и игра во одлична форма.

Колото се затвара во понеделник со средбата меѓу ТФТ и Куманово, домаќинот по втора победа, гостинот по трета радост.

Александар Ванев, М-Нет