Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги отфрли тврдењата на претседателот на асоцијацијата на сточари Насер Џемаили дека оставката на досегашниот директор Оливер Миланов е резултат на притисокот и незадоволството на сточарите поради доцнењето на вакцините против сипаници кај овците и козите.
Во демантот, АХВ наведува дека станува збор за лична интерпретација на настаните, која, според институцијата, не ја одразува вистинската природа на кадровската одлука.
„Му порачуваме на господинот Џемаили да не си припишува значење и влијание што во конкретниот случај ги нема. Кадровските одлуки од ваков вид се прашање на лични, политички и институционални одлуки, во кои барањата на Асоцијацијата на сточари не се фактор“, се наведува во реакцијата на АХВ.
Од Агенцијата додаваат дека обидите барањето на сточарите да се претстави како причина за заминувањето на Миланов се неосновани и не придонесуваат за објективно информирање на јавноста.
Реакцијата следува откако Џемаили претходно во изјава рече дека оставката на Миланов е последица на притисокот од незадоволните сточари, кои претходно бараа негова смена поради доцнењето на вакцините.
Оливер Миланов поднесе оставка од директорската функција во АХВ на 3 ноември, по нешто повеќе од две години раководење со институцијата. На негово место е именуван Јовица Андовски, досегашен заменик-министер за здравство.
Кадровската промена ја објави Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), чии членови се двајцата функционери. Партијата му се заблагодари на Миланов за досегашното раководење и оцени дека неговиот ангажман претставува основа за идно извршување високи и одговорни должности.
Причините за оставката не беа конкретно образложени во партиското соопштение, ниту Миланов јавно соопшти зошто се повлекува.
Неговото заминување се случува во период кога сточарите се соочуваат со сериозни последици од ширењето на сипаниците кај овците и козите.
На истиот ден кога беше објавена оставката, АХВ информираше дека на скопскиот аеродром од Турција пристигнале 400.000 дози вакцини против болеста. Од институцијата најавија спроведување итна вакцинација на територијата на државата, согласно план одобрен од Европската унија.
Претходно, сточарските здруженија предупредуваа дека вакцините доцнат и дека е неопходна побрза реакција за да се спречи понатамошно ширење на заразата.
Од АХВ нагласуваат дека соработката со сточарските здруженија ќе продолжи и дека приоритет остануваат сузбивањето на болеста и заштитата на сточниот фонд.
Од институцијата посочуваат дека Владата, АХВ, Министерството за земјоделство и другите надлежни органи располагаат со стручни кадри кои работат на справување со заразата.
„Во овој момент, најважни се институционалната координација, стручниот пристап и заедничкото дејствување, а не личното промовирање и припишувањето заслуги за кадровски одлуки“, наведуваат од Агенцијата.
Текстот АХВ негира дека Миланов поднел оставка поради притисокот од сточарите – барањата за негова смена не биле фактор е превземен од МАКФАКС.