
Кочанскиот храм „Свети Великомаченик Георги“ или позната како „Свети Ѓорѓи“ денеска го празнува својот патрон парзник. Утринава се одржа литургија на која присуствуваше и господин Иларион во сослужение на повеќе свештеници и голем број верници кои го посетија храмот. На овој ден секоја година по традиција храмот го одбележува празникот Ѓурѓовден, кој секоја година се празнува на 6 мај.
„Знаеме дека светиот храм овде во Кочани е посветен на овој светител кој е патрон на самиот храм и по традиција како и секоја година така и оваа бевме удостоени на светата боженствена литургија да чиноначелствува господин Иларион, во сослужение на повеќе свештеници заедно со многубројни народ кој дојде да ги упати своите молитви“ – вели Арсовски.
Инаку, денеска македонската православна црква го слави празникот Свети Георгиј Победонсец или кај народот познат како Ѓурѓовден. Ова е еден од најголемите празници во пролетниот циклус, а неговата основа е празнувањето на природата, растителноста и животот воопшто.
„Денес македонската православна црква го чествува споменот на еден од најпознатите светители, а тоа е Георгиј Победоносец. Од неговото житие знаеме дека пострадал за времето на безбожниот римски цар. Потекнува од семејство, однонсо неговите родители биле богати, доброчесни и побожни луѓе. Неговиот татко исто така пострадал за верата во Христос, и Горги така го засакал Христа. Кога почнало гонењето на христијаните тој се декларирал како христијанин и така пострадал“ – додаде Арсовски.
Со денешниот празник човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.
Лаура Стојанова М-Нет