
Официјално Воска Спорт е нов прволигаш на две кола пред крајот, откако Вардар загуби со 1:2 дома од Тетекс.
Во рамки на 28. коло на „Билјанини Извори“ се одигра Градското дерби каде Охрид Лихнидос и Воска Спорт ремизираа играјќи 2:2 со што ги победелија „бодовите“.
Охрид уште во првата минута стигна до водство откако Аљтин Лога ја искористи грешката на голманот на Воска и ја стресе мрежата за 1:0. Тоа предизвика „ерупција“ кај верните „рибари“. По брзиот гол, Воска прими нов гол, откако Александар Ѓорѓиески беше сигурен од белата точка за 2:0.
Атмосферата на трибините се вжешти, а Воска започна да се поправа во играта и да прави притисок за брз гол со цел да се врати во игра за целиот „плен“. На спротивната страна Јован Качевски покажа на белата точка за Воска Спорт, капитенот Изаир Емини ја презеде одговорноста, но неговиот удар беше прочитан од Дамјан Серафимов, па резултатот не се промени.
Се нижеа шанси на двете страни, кога Воска доби нов пенал, а овој пат Бехар Фета беше успешен реализатор за 1:2 на полувреме.
Во вториот дел Воска ја поправи играта значително во однос на првиот дел и започна со притисок за нов погодок, кој падна во 58. минута, откако Изаир Емини постигна гол за 2:2.
До крајот од мечот и двете екипи имаа свои големи шанси за погодок, но и на двете страни немаше реализација, па конечниот исход беше 2:2.
Вардар загуби од Тетекс со 1:2 на домашен терен и со тоа овозможи Воска да биде промовирана во нов прволигаш на две кола до крајот. Жоглев во 11. минута погоди за 1:0, а Радуловиќ-Величковиќ си постигна автогол во 40. минута за 1:1.
Во вториот дел Стефан Богдановски во 54. минута ја стресе мрежата на младиот Гоце Јовчев за конечни 1:2 и голем триумф на Тетекс, со што „штофарите“ имаат идеална шанса за опстанок.
Саса забележа важна победа во Струга над Караорман од 1:2 и ја продолжува битката за опстанок во Втора лига. „Рударите“ во вториот дел постигнаа два брзи гола преку Сашо Дуков во 52. минута и Филип Николовски во 55. минута за 0:2.
Во последните десет минути Игор Клечкароски успеа да постигна гол за конечни 1:2 со што трите бодови заминаа за Македонска Каменица.
Пелистер на домашен терен со 2:1 ја доби Локомотива. Спиркоски уште во 9. минута обезбеди предност за домашниот тим од 1:0, а во финишот на првиот дел Мердиан Рамадани постигна гол за 1:1. Во вториот дел Локомотива се обидуваше да стигне до три бода или барем до бод, но Борче Маневски во 71. минута ги постави конечните 2:1.
Отпишаниот Борец на домашен терен беше декласиран од Беса со високи 0:4. Двоен стрелец за гостите беше Генц Гаши, а по едне гол постигнаа Велиу и Белули.
Детонит Плачковица за првпат беше поразен на домашен терен сезонава, а првиот домашен пораз за радовишани беше од фаворитот Гостивар, кој со 0:2 беше подобар. Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во ЖИВО преку директен пренос да го проследат овој натпревар.
Првиот дел во Радовиш помина во знакот на мирни мрежи, а во вториот дел Виктор Крстевски во 56. минута го отвори домаќинот за водство од 0:1. Во 80. минута од натпреварот Богдан Велиновски си постигна автогол и ја запечати победата на Гостивар од 0:2.
На Градскиот стадион во Гостивар, Арсими и Слога од Виница го поделија „пленот“ играјќи меч без погодоци (0:0). Иако бод за Слога, сепак второлигашот од Виница ги пакува куферите за Трета лига – Исток.
Кожуф со 4:2 ја доби Беласица на домашен терен. Ангел Кочев, Бојан Иванов и Александар Богданоски беа стрелци во првиот дел за домашниот тим за 3:0 на полувреме. Во вториот дел Александар Коцев намалин а 3:1, а Стефан Терзиев во 82. минута постигна гол за високи 4:1. Во судиското надополнување Давид Стојков погоди за конечни 4:2.
